Основи наБиблијата
Студија 10: Крштевањето во Исуса
Суштественото значење на крштевањето | Како треба да сме крстени? | Значењето на крштевањето | Крштевањето и спасението | Цигресии (Повторното крштевање, Степенот на знаење потребен за крштевање, Распнатиот крадец, Еден пример на крштевка) | Прашања

10.1 Суштественото значење на крштевањето

Неколку пати во претходните студии ја спомнавме важноста на крштевањето; тоа е првиот чекор на покорност кон пораката на евангелието. Евр.6:2 говори за крштевањето како за едно од најосновните учења. Разгледувањето на тоа го оставивме до сега зашто вистинското крштевање може да настане само по исправното разбирање на основните вистини кои ги содржи евангелието. Сега го завршивме учењето за нив; ако се посакува вистинско поврзување со големата надеж која ја нуди Библијата преку Исус Христос, тогаш крштевањето е апсолутна нужност.

"Спасението е од Јудејците" (Јв.4:22) во смисла дека ветувањата кои се однесуваа за спасение беа дадени само на Авраам и неговото семе. Ние можеме да ги имаме тие ветувања до нас, само ако постанеме семе, со тоа што ќе се крстиме во Христа (Гал.3:22-29).

Затоа Исус јасно им заповеда на своите следбеници: "Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието (кое е содржано во ветувањата до Авраам-Гал.3:8) на секое создание. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен" (Мк.16:16). Размислувањето врз буквата "и" открива дека верата во евангелието сама по себе не може да не спаси; крштевањето не е само дополнителен избор во христијанскиот живот, туку битен предуслов за спасение. Ова не е за да се каже дека самиот чин на крштевање ќе не спаси; тоа мора да биде следено од постојана покорност на Божјото Слово во целиот живот. Исус го истакна: "Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо" (Јв.3:5).

Ова раѓање "од вода" се однесува на едно лице кое излегува од водите на крштевање; после тоа тој мора повторно да се роди од духот. Тоа е процес што продолжува понатаму: "преродени... преку словото на живиот Бог" (1Пет.1:23). Значи преку непрекинатото одзивање на духовното Слово се раѓаме од духот (види студија 2.2).

Ние сме крстени ‘во Христа’ (Гал.3:27), во неговото име (Дела 19:5; 8:16; Мт.28:19). Забележи дека ние сме крстени во Христа не во христаделфијанците или некоја човечка организација. Без крштевањето ние не сме ‘во Христа’, и према тоа не сме покриени од неговото дело на спасение (Дела 4:12) . Петар ткае една парабола околу овој факт: тој го споредува ковчегот во времето на Ное со Христа, и покажува како ковчегот го спасил на Ное и неговото семејство од надојдениот суд врз грешниците, така крштевањето во Христа ќе ги спаси верниците од вечната смрт (1Пет.3:21). Влегувањето на Ное во ковчегот е споредено со нашето влегување во Христа со крштевањето. Сите оние надвор од ковчегот беа уништени од потопот; да се стоело до ковчегот или да се било пријател на Ное било сосема неважно. Единствениот пат за спасение е, и беше, да се биде во Христа/ковчегот. Јасно е дека II доаѓање, кое го претставуваше потопот (Лк.17:26,27), е близу врз нас (види Додаток 3). Влегувањето во Христа/ковчегот со крштевање е према тоа од крајна итност. Зборовите не можат да ја доловат смислата на итноста; библискиот стил на влегување во ковчегот во времето на Ное е поизразит.

Раните христијани ја послушаа Христовата заповед да патуваат по светот и да го проповедаат евангелието и да крштеваат; книгата на Дела е запис за тоа. Доказ за битната важност на крштевањето има во начинот на кој записот истакнува како веднаш луѓето беа крштевани по прифаќањето на евангелието (пр. Дела 8:12, 36-39; 9:18; 10:47; 16:15). Ова истакнување е разбирливо штом се сфати дека без крштевање е залудно нашето учење за евангелието; крштевањето е еден нужен стадиум низ кој се минува од патот кон спасението. Во некои случаи вдахновениот запис осветлува како во пркос на многуте причини за одложување на крштевањето, и многуте потешкотии во извршувањето на чинот, многу е важно луѓето да направат секаков обид да го совладаат сето тоа, со Божја помош.

Чуварот на затворот во Филипи наеднаш се најде вовлечен во животен стрес од големиот земјотрес кој сосема го сруши добро чуваниот затвор. Затворениците имаа можност за бегство, нешто што тој би го платил со својот живот. Неговата вера во евангелието тогаш стана стварна, толку што "ноќта во тоа време... веднаш се покрсти" (Дела 16:33). Ако некој имал изговор за одложување на крштевањето тоа бил тој. Најлошиот земјотрес во Грција за 3000 години, една орда од луди затвореници кои штотуку да настапат во најдраматичното бегство од затвор во историјата, и заканата од погубување поради запоставување на должноста што му беше над глава, сепак тој јасно виде што беше единствениот најважен чин за извршување во целиот негов живот и вечна судбина. Така тој ги совлада моменталните проблеми на својата околина (т.е. земјотресот), секојдневните притисоци од работата и траумата во која се најде- да биде покрстен. Кандидатот кој се двоуми за крштевање може да извлече стварна инспирација од тој човек. Дека тој можел да направи таков чин на вера е доволен доказ дека веќе имал подробно знаење за евангелието, бидејќи таква вистинска вера едино доаѓа од слушање на Словото Божјо. (Рим.10:17 ср. Дела 17:11).

Дела 8:26-40 бележи како еден Етиопјанин, властелин, ја читал својата Библија додека се возел во една кочија низ пустината. Тој го сретна Филипа, кој опсежно му го објасна евангелието, како и потребата за крштевање. Човечки речено, мора да изгледало невозможно извршувањето на заповедта за крштевање во таа пустина без вода. Сепак Бог не би дал една заповед за која знае дека некои луѓе не ќе можат да ја извршат. "Одејќи така патем, тие стигнаа до една вода", т.е. оаза, каде крштевањето беше можно (Дела 8:36). Овој настан дава одговор на неоснованите предлози дека крстењето со потопување било наменето да се извршува само во места на обилни, лесно достапни води. Бог секогаш ќе обезбеди еден реален начин во кој ќе се извршат Неговите заповеди.

Апостолот Павле прими една драматична визија од Христа која толку му ја гризеше совеста што најскоро што можеше "прогледа и, кога стана, се покрсти" (Дела 9:18). Повторно, мораше да му е примамливо да го одложи своето крштевање, мислејќи на истакнатата општествена положба и убава кариера трасирана за него во јудизмот. Но оваа ѕвезда што изгреваше во еврејскиот свет направи исправна и моментална одлука да се крсти и отворено се откаже од претходниот начин на живот. Тој подоцна забележа за својот избор да биде крстен: "тоа што беше за мене придобивка, поради Христа го сметав за штета... се одреков од се (т.е. се што гледаше за ‘придобивка’), и се сметам за отпад, само за да Го придобијам Христа... го заборавам она што е зад мене (‘придобивките’ на претходниот еврејски живот), а се стремам кон она што е пред мене, трчам кон целта- кон наградата" (Филип.3:7,8,13,14).

Тоа е јазикот на атлетичар кој настојува да ја скине завршната лента. Таква концентрација на духовно и физичко настојување треба да ги одликува нашите животи после крштевањето. Мора да се сфати дека крштевањето е почеток на една трка кон царството Божјо; не е само знак на менување цркви и вери, ниту е пасивно влегување во еден опуштен живот на лесна преданост во неколку неодредено наведени христијански начела. Крштевањето не поврзува во една трајна смисла со распетието и воскресението на Исус (Рим.6:3-5) нешта исполнети со крајна динамичност во секој поглед.

Како изморен, духовно победоносен старец, Павле можеше да се сеќава: "јас не се воспротивив на небесното видение" (Дела 26:19). Како што беше вистина за Павле, така е и за сите кои се правилно крстени: крштевањето е една одлука која никогаш нема да го разочара некого. Целиот наш живот ќе бидеме свесни дека го направивме правилниот избор. За малку човечки одлуки можеме да бидеме толку сигурни. На прашањето треба озбилно да се одговори: 'зошто јас не би се крстил'?


  Back
Home
Next