Основи наБиблијата
Студија 5: Божјото царство
Дефинирање на царството | Царството не е сега воспоставено | Царството Божјо во минатото | Царството Божјо во иднина | Милениумот | Цигресии (Буквалноста на царството, Збир на израелската историја) | Прашања

5.1 Дефинирање на царството

Нашите претходни студии покажаа дека Божја намера е да го награди Својот верен народ со вечен живот по враќањето на Христос. Тој вечен живот ќе биде проведен на земјата; Божјите повторувани ветувања во врска со тоа никогаш не вклучувале дека верните ќе одат на небо. "Евангелието (благовестие) на царството" Божјо (Мт.4:23) беше проповедано на Авраам во вид на Божјите ветувања кои се однесуваа за вечен живот на земјата (Гал.3:8). "Царството Божјо" е значи времето по Христовото враќање кога тие ветувања ќе бидат исполнети. Додека Бог е безусловно Царот на Своето целосно создание дури и сега, Тој му даде на човекот слободна волја да го управува светот и својот живот по свое. Така сега светот е опфатен во "царството на луѓето" (Дан.4:14).

По враќањето Христово, "царството на светот (ќе стане) царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Он ќе царува во сите векови" (Отк.11:15). Тогаш Божјата волја и желби ќе бидат целосно и отворено спроведувани на земјава. Оттука Исус ни заповеда да се молиме: "Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како (сега) на небото, така (да биде) и на земјата" (Мт.6:10). Поради тоа, "царството Божјо" е фраза заменлива со "царството небесно" (Мт.13:11 ср. Мк.4:11). Забележи дека никогаш не читаме за "царството во небото"; царството небесно е она кое што ќе биде воспоставено од Христос на земјата по неговото враќање. Како што е Божјата волја потполно извршувана од ангелите на небо (Пс.102:19-21), така ќе биде во идното царство Божјо, кога земјата ќе биде населена само со праведници, кои ќе се "еднакви со ангелите" (Лк.20:36).

Влегувањето во царството Божјо при Христовото враќање е према тоа крајниот исход на сите наши христијански настојувања во овој живот (Мт.25:34; Дела 14:22); и како такво, е апсолутно важно исправното разбирање за тоа. Филиповата проповед за ‘Христа’ е опишана како учење за "Евангелието за царството Божјо и за името на Исуса Христа" (Дела 8:5,12). Пасус врз пасус не потсетува како "царството Божјо" беше главниот товар на Павловата проповед (Дела 19:8; 20:25; 28:23,31). Затоа е многу важно во потполност да го разбереме учењето за Божјото царство, бидејќи обликува битен дел од пораката на евангелието. "Во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки" (Дела 14:22); тоа е светлото на крајот од тунелот на овој живот, и према тоа поттикот да се направат жртвите кои вистинскиот христијански живот ги содржи.

Навуходоносор, царот на Вавилон, сакаше да ја знае иднината на светот (види Дан.2). Му беше дадена визија на голема статуа, составена од разни метали. Даниел толкуваше дека златната глава го претставува царот вавилонски. (Дан.2:38). По него требаше да следуваат големи царства во областа околу Израел, заклучно со една состојба во која "прстите на нозете беа дел од железо, а дел од глина, така и царството ќе биде делум силно, а делум слабо" (Дан.2:42).

Сегашната рамнотежа на сила во светот е поделена помеѓу многу нации, некои силни и некои слаби. Даниел тогаш виде еден мал камен како го удри ликот по нозете, и го уништи, а потоа нарасна во голема планина која ја исполни целата земја (Дан.2:34,35). Тој камен го претставуваше Исуса (Мт.21:42; Дела 4:11; Еф.2:20; 1Пет,2:4-8). ‘Планината’ што тој ќе ја создаде врз целата земја го претставува Божјото царство, кое ќе се уреди во неговото II доаѓање. Ова пророштво е само по себе доказ дека царството ќе биде на земја, не на небо.

Дека царството ќе биде всушност во целост уредено само со Христовото враќање е тема на други пасуси. Павле говори за Исус кој ќе ги суди живите и мртвите "кога ќе дојде Он и Неговото царство" (2Тим.4:1). Михеј 4:1 ја одбира Даниеловата идеја за Божјото царство како една огромна планина: "Во последните дни планината на Господовиот Дом, ќе биде воспоставена"; потоа следува опис какво би било тоа царство на земјата (Мих.4:1-4). Бог ќе го даде на Исус престолот Давидов во Ерусалим: "И ќе царува... засекогаш, и царството Негово нема да има крај" (Лк.1:32,33). За тоа е нужно да се има одредена точка кога Исус ќе почне да владее на Давидовиот престол, и почнува неговото царство. Тоа ќе биде во неговото враќање "И царството Негово нема да има крај" се поврзува со Дан.2:44: "Небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ". Отк.11:15 користи сличен јазик во опишувањето како во II доаѓање, "Царствата на светот станаа царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Он ќе царува во сите векови". Повторно, мора да има одредено време кога Христовото царство и владеење почнува на земјата; тоа ќе биде во неговото враќање.


  Back
Home
Next